Вкупно 163 испитаници досега пројавија интерес да одговорат на анкетните прашања и во продолжение се сумирани добиените резултати:

На првото прашање со “да” одговорија 92,6%, негативен одговор дадоа 1,9%, а со “не знам” 5,5%. Во однос на второто прашање, позитивно се изјаснија 96,3% од испитаниците, додека пак 1,2% одговорија со “не”, а 2,5% со “не знам”. Што се однесува пак до третото прашање, 94,5% од анкетираните сметаат дека младите можат да дадат придонес во заедницата доколку активно учествуваат во решавањето на проблемите и се вклучат во демократските процеси. Негативно се изјасниле само 1,8% од анкетираните, додека со “не знам” одговориле 3,7% испитаници.

Во однос на четвртото прашање, ги сумираме следниве предлози и одговори:

  • Треба да се вклучиме во РМС да видиме како работат, па потоа да предлагаме
  • Корисно е кога младите се организираат и сакаат да помогнат во решавањето на проблемите
  • Ја поздравувам иницијативата
  • Да бидат упорни и одлучни
  • Поголема транспарентност во јавноста
  • Да привлечат што поголема маса на млади луѓе
  • Да се образуваат младите, да ги научат законите и да ги искористат сите демократски средства за да успеат во намерата
  • Поголема медиумска присутност

Како приоритетни проблеми во општината чие решавање може да го иницира и актуелизира РМС, анкетираните граѓани како главни проблеми ги наведоа невработеноста на младите и одливот на млади во странство. Останатите проблеми кои беа спомнати се проблемите со дискриминацијата на ромското население, комунални и инфраструктурни проблеми, непостоење на младински културен дом и повеќе културни настани, непостоење на алтернативни центри за образование, недоволна социјална инклузија на ромското население во заедницата, како и недоволен интерес на граѓаните да се вклучат во демократските процеси.

Како заклучок, работата на Ромскиот младински центар е оценета како позитивна и во иднина се очекува помасивно вклучување на младите и поддршка од останатите граѓани во заедницата со цел воспоставување на интерсекторска соработка на сите засегнати страни во заедницата. Очекуваме младите да ја покажат својата креативност и да бидат активни чинители во демократските процеси со тоа што ќе се соочат со предизвиците и ќе пристапат кон надминување на конкретните проблеми.

 

Category : RMS